ПОЕЗИЈАТА КАКО УНИВЕРЗАЛЕН ЈАЗИК НА КУЛТУРАТА

 На почетокот на декември, авторката Цвета Јовчева Тодоровска ја промовираше деветтата стихозбирка насловена ,,Le miroir du bonheur’’ (Огледало на среќата). Бројните љубители на пишаната реч во Кинотеката на Македонија имаа можност да уживаат во прекрасните стихови на француски и македонски јазик, збогатени со звуците од хорот ,,Серенада’’, составен од пензионерите од З.П ,,Карпош’’.

Поетесата Тодоровска, инаку пензионирана професорка по француски и латински јазик, долги години ги преточува своите емоции во прекрасни стихови.  Во своето најново книжевно остварување, таа говори за дождот, ветрот и планините. Како неизбежна тема во сите поеми се провлекуваат цвеќињата и низ богатство од стилски фигури се опишува топлината на семејството.

-          Работата е моја животна филозофија. За да творам, да ги создавам моите поезии бев инспирирана од патувањата во Франција, од моите специјализации за усовршување на францускиот јазик во Безансон, Гренобл, Париз. Поезијата е треперење на скриените чувства. Моите поеми се одблесок, одраз на мојата душа и најважно е да се почувствува таа поезија која навлегува во душата – вели Цвета Тодоровска.

Покрај тоа што пишува поезија, таа придонесува за афирмација на македонскиот и францускиот јазик. Како признание за својата работа со која ги јакне културните врски меѓу Македонија и Франција, Тодоровска во 1998 година го добива највисокото признание од Француската влада - Витез на Академските палми. Денес, таа е актуелен потпретседател на Клубот УНЕСКО – ,,живите јазици прозорец кон светот’’.