Совет на Млади 2015

 Совет на млади на Општина Карпош

 

Во Општина Карпош се формира Совет на млади како советодавно тело на општината со цел младите активно да се вклучат во јавниот живот на општината. Советот на млади е формиран 10.12.2014 и него го сочинуваат пет членови.Членовите на Советот се избираат со мандат од две години со право на реизбор и имаат за цел да ги претставуваат младите жители на Општина Карпош на возраст од 15 до 30 години.

За членови на Советот на млади се именувани:

Филип Радевски - Претседател на Советот

Павел Стаматов  - Потпретседател на Советот

Берна Мемед

Ангелина Васовска

Томе Панов

 

Советот на Млади ги врши следниве работи:

-          Одговорен е за остварување на целите од националната стратегија за млади на Република Македонија и Стратегијата за млади на општината  и имплементација на акцискиот план на стратегијата

-          Расправа на седниците за прашања значајни за нивната работа

-          Му предлага на Советот на Општина Карпош одлуки, програми и други акти од интерес на категоијата на младите жители на општината

-          Му дава мислење на Советот на општината за конкретни одлуки кои треба да ги динесе, а кои ги засегаат младите

-          Организира работилници, предавања, трибини, кампањи, манифестации и други активности во врска со младинските прашања

-          Информира и промовира за активностите на Советот на млади

-          Поттикнува меѓуопштинска соработка и размена на искуства со младите од другите општини

-          Изготвува извештаи за работа на Советот на млади и го доставува до Советот на општината

-          Врши и други работи од интерес за младите

 

 

 

 

 

СОВЕТОТ НА МЛАДИ НА КАРПОШ- НА ЧЕКОР ПРЕД КОНСТИТУИРАЊЕ

 

 

Советот на млади на општина Карпош, денес (13.02.2015)  ја одржа својата прва средба во просториите на општината Карпош.

 

Средбата имаше за цел да ги собере на едно место членовите на Советот на млади за меѓусебно да се запознаат и да се разгледа предлог деловникот за работа на Советот, креиран од еден од членовите на Советот.

 

На средбата, покрај членовите на Советот на млади, присуствуваа и Ивана Ордевска и Ивана Тасевска од Сектор за јавни работи, како и Илија Станковски, претставник на Здружението на граѓани „Младите можат“, кои со поддршка од општина Карпош, се вклучија во процесот на креирање на Локална младинска стратегија и дадоа своја поддршка за работата на Советот на млади на општина Карпош.

   

 

 

 
На 42та седница  на Советот на општина Карпош одржана на 3ти декември 2015 година, присуствуваше претседателот на Советот на млади, Филип Радевски при што изрази

 огромно задоволство, како и благодарност до локалната самоуправа на Општина Карпош која им подаде рака на младите преку усвојувањето на Предлог - програмата на Советот на млади за 2016 година. Ова е огромен чекор за приближувањето на младите кон локалната самоуправа, но и доказ дека во Карпош се слуша нашиот глас.

 

Целта на програмата на Советот на млади на Општина Карпош е активно вклучување на младите жители на Општина Карпош во јавниот живот на општината. Со програмата се опфатени повеќе категории на млади луѓе во општината.

 

СТУДЕНТИ

- Доделување стипендии на талентирани студенти од прва година, жители на општината за постигнатите резултати во првиот семестар на студиите. Финансиските средства ќе се доделуваат еднократно на тројца студенти, по претходно утврдени критериуми објавени во оглас.

- Бесплатен курс за деловен англиски јазик за дипломирани студенти. Целта на овој проект е јакнење на конкурентноста на младите на пазарот на трудот преку организирање на 4 едномесечни обуки за деловен англиски јазик, а фокусот е ставен на дипломирани и невработени лица, кои своите студии ги завршиле не подоцна од 1 година од објавувањето на повикот.

- Финансирање на практиканти. Финансиски надомест ќе биде исплатен на секој студент, жител на Општина Карпош кој отпочнал практична работа кај работодавец од својата општина.

- Бесплатна читална. Изградба на нова, или прилагодување на некоја од просториите на училиштата кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош во читална, која ќе работи 24 часа. Читалната ќе биде одржувана од тим на практиканти, кои за својата активност ќе добиваат соодветен надомест.

 

 

СПОРТ

- Санација на игралиштето за кошарка во Карпош 1, позади Центарот за странски јазици. Имено, станува збор за култно игралиште кое подолго време е надвор од употреба.

- Изградба на терен за улично вежбање (анг: street workout) на однапред утврдена локација.

 

РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ НА МЛАДИ

- Ликовна и креативна работилница за деца со посебни потреби, одржана од академски уметник, исто така припадник на категоријата на млади жители на Општина Карпош, кој ќе пренесе дел од основните уметнички техники на децата со посебни потреби.

- Поставување на штандови со волонтери на најпрометните локации на територијата на Општина Карпош каде студентите ќе можат да ги донираат оние учебници кои повеќе не ги употребуваат. Базата на учебници која ќе се создаде, потоа ќе биде циркулирана низ младите на кои им е најпотребно, а истите подоцна ќе можат да ги вратат и да ги отстапат за идните генерации.

 

Исто така, предвидени се и Отворените денови, на Советот на млади. Во насока на поголема отвореност на општината кон потребите на младите, претставниците на Советот на млади на Општина Карпош, еднаш месечно, ќе имаат шанса да ги слушнат мислењата и потребите на младите, како и очекувањата кои тие ги имаат од локалната самоуправа. Забелешките од овие средби ќе бидат сумирани во излагања на Советот на млади на седниците на Советот на Општина Карпош.

 

Филип Радевски

 

Претседател на Совет на млади на Општина Карпош