ОУ „Петар Поп Арсов" - Карпош Скопје е лоцирано на ул. „Трифун Бузев“ бб во Oпштина Карпош 4. Основното училиште „Петар Поп Арсов“ - Скопје работи од 1972/1973 год во зграда од цврст материјал, павиљонски тип, специјално градена за изведување на кабинетска настава. Зградата ги задоволува сите услови за изведување на современа настава, која располага со централно парно затоплување.
Реонот на Општинското основно училиште „Петар Поп Арсов“, Скопје ја опфаќа територијата на урбаната заедница Карпош 4 што се простира на исток до ул „Љубљанска“, на север до бул „Илинден“, на запад до ул „Никола Парапунов“ и на југ до бул „Партизански Одреди“.
Зелените површини кои се во склоп на училишниот двор самостојно се уредуваат со помош на Локалната самоуправа и разни донатори. Училиштето располага со 5230 м2 училишна површина и 20580 м2 дворна површина, асфалтирани спортски терени кои се сместени пред главниот влез на училиштето.
Во училиштето учат 768 ученици во 29 паралелки во две смени, а воспитно-образовна и административно техничка работа во училиштето извршуваат 54 лица. Наставата се одвива на македонски јазик. Училиштето организира и продолжен престој за своите ученици.
Училиштето е збратимено со ОУ „Вожд Караѓорѓе“ од Ниш (Р.Србија)
|