Заслужни граѓани

  СТОЛЕ  ПОПОВ, ЗАСЛУЖЕН ГРАЃАНИН НА ОПШТИНА КАРПОШ

 

                        „Да се добие признание од фелата, е вообичаена, очекувана работа. Такви сум добивал многу. Но, да добиеш признание од своите сограѓани, од својата општина, од своите соседи, без притоа ниту да си аплицирал, ниту поим да немаш, навистина е нешто што многу ми значи. Бев навистина пријатно изненаден и возбуден кога ми се јавија од мојата општина и кога ми кажаа дека сум прогласен за залужен граѓанин на Карпош за 2015 година. Ви благодарам многу!“

Со овие зборови, во краток емотивен говор исполнет со возбуда и искрена благодарност, мајсторот на големото платно, познатиот режисер Столе Попов и се заблагодари на Општина Карпош и на Градоначалникот Стевчо Јакимовски за златната плакета „Заслужен  граѓанин на Карпош“ за 2015 година, која му беше врачена на 9 Ноември, на Свечаната академија по повод 39 години од постоењето на Општината.

Во пригодниот омаж за него остана запишано дека режисерот Столе Попов е роден  во 1950 година во Скопје, во семејство на филмски работници - дедото Стојан, професионален фотограф на почетокот на 20-от век, и таткото Трајче, камерман и режисер, еден од пионерите на југословенските и македонските документарни филмови.

                        Во допир со филмската магија уште од детството, желбата за филм му се раѓа веќе во младечките години и спонтано се развива.

Во интервјуто за списанието „Тајм“ од 2012 ќе каже: „ Како дете никогаш не верував во вербална комуникација. Не ме интересираше да ги слушам луѓето како зборуваат, она што ме привлекуваше беше нивното однесување, гестикулации и емоции. Ме привлекуваа човечките лица, малите и небитни гестови и реакции, речиси невидливи за човечкото око.“                               

                        Откако дипломирал филмска режија на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград, од 1978 до 1988 работи како режисер во „Вардар Филм“, а во 1985 и 1986 бил и директор на оваа филмска куќа.

 Кариерата ја започнува со документарни филмови, кои освојуваат бројни награди и оставаат силен впечаток на целиот простор на тогашна Југославија. Од првиот, „Алкалоид“, во 1974 година, „Оган“ во 1974, Австралија, Австралија во 1076 до „Дае“ во 1979, филм кој му донесе номинација за Оскар, тој ќе се закити и со Гран при на фестивалите во Оберхаузен  и  во Љубљана, злато на филмскиот фестивал во Белград, сребрен бумеранг на фестивалот во Мелбурн и специјална диплома на филмскиот фестивал во Лондон.

                         Овој филм му обезбеди и ново поглавје во неговата кариера – играни филмови.

Неговиот прв игран филм е „Црвениот коњ“, во 1981 година. Како што ќе каже реномираниот филмски критичар Илинденка Петрушева: „Во никој случај не е дебитантско дело по своите несомнени драмски и визуелни квалитети.“

Со вториот игран филм, „Среќна Нова `49“, Попов го достигнува врвот во кариерата, а следи и втората номинација за Оскар, покрај голем број награди од други реномирани филмски фестивали. Овој филм останува едно од најдобрите достигнувања во југословенскиот филм досега.

Со „Тетовирање“ во 1991 и „Џипси Меџик“ во 1997 Столе Попов го потврдува своето место во врвот на Балканската кинематографија.

 По подолга пауза, се враќа со „До балчак“ и уште еднаш покажува дека сувеерно владее со магијата наречена филм.

                        Попов остава суптилен “потпис“ во сите свои играни филмови, појавувајќи се во епизодни улоги, во стилот на Хичкок.    

Покрај врвните филмски остварувања и повеќе од 50 награди и признанија на врвни европски и свестки фестивали, Столе Попов има големо влијание на македонската кинематографија и со својата долгогодишна улога како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од неговата катедра излегоа многу нови генерации на македонски режисери. Тој е еден од основачите на првата приватна продукциска куќа “Триангл филм“ и член на Европската филмска академија од 1997 година.

Столе Попов е карпошанец, еден  од плејадата заслужни граѓани, уметници спортисти, политичари, професори,академици инженери, градотели на убавиот дел од македонската историја, оние кои директно влегуваат во аналите, и кои зад себе оставаат длабока креативна трага за карпош, за Македонија, за себе.