МИЛЕНИУМСКИ КРСТ ЗА 2.000 ГОДИНИ ХРИСТИЈАНСТВО
РЕКРЕАЦИЈА И ЗАБАВА НА ПАДИНИТЕ НА ВОДНО
На надморска височина од 1.066 метри, на врвот од планината Водно - вистинско уживање. На највисоката точка на планината, на местото познато како Крстовар, е изграден 66-метарскиот Милениумски крст. Прекрасниот панорамски поглед на скопската котлина е вистинскиот мотив за посета на оваа туристичка дестинација.
Милениумски крст некогаш и денес
Непосредно над градот Скопје, Милениумскиот крст е конструиран во 2002 година. Овој религиозен симбол за верност, молитва и благосостојба е изграден во чест на 2.000-годишното христијанство во Македонија. Архитектонското дело на Јован Стефановски-Жан и на Оливер Петровски е комбинација од храброст и од уметност. На познатото место Крстовар, што значи „место на крстот“, во минатото се наоѓал помал крст, па изградбата на големиот Милениумски крст токму таму е од огромно значење. Привлечноста на дестинација и климата, која е пријатна и типично планинска, резултира со голема посетеност од сите генерации. Во внатрешноста на крстот е вграден лифт кој ве носи на височина од која произлегуваат прекрасни фотографии, а адреналинот не престанува да расте. Местоположбата е од огромно значење за туристичките посети и за рекреативните дружби.
Жичницата „Милениумски крст“ - благодат за постарите
Жичница со кабини ја поврзува релацијата од Средно Водно до Милениумскиот крст. Пред само две години, до локацијата каде е поставен религиозниот христијански симбол беше потешко да се стигне и поради тоа поретко можеше да се ужива во ниските температури кои ги нудат климатските услови на врвот од планината. Двегодишното функционирање на жичницата ги донесе на највисокото место на планината Водно и најмладите и најстарите. Жичницата располага со 28 кабини со носивост од 640 килограми и со капацитет од осум лица, како и со две елитни кабини за четири лица. Околу жичницата има дрвени куќички кои нудат освежителни пијалоци и сувенири, како и излетнички клупи и маси за одмор и за опуштање во прекрасната природа. Возењето од Средно Водно до Милениумскиот крст трае 15 минути, а додека се возите можете да уживате во прекрасниот поглед од височина.
Убавина и спокој во едно
Оваа прекрасна планинска идила е совршено место за душевен мир и спокој. Со самото пристигнување на врвот ќе ве изненади гостопримливоста на вработениот тим од „Планинарски дом“, кој во зимскиот период од годината ќе ве стопли со традиционалното ќумбе на дрва и со топол чај, а летно време ќе ве освежи со ладните пијалаци на терасата со поглед кон главниот град. За опуштање, ви препорачуваме посета на оваа дестинација од која ќе добиете нови креативни мисли, а вашата душа ќе биде нахранета со спокој и мир.
Аквадукт и Скупи
ВРВНИ СПОМЕНИЦИ ОД ВРЕМЕТО НА РИМСКАТА ИМПЕРИЈА
Во недопрена природа, во тивкиот дел од населбата Визбегово, се наоѓа Скопскиот аквадукт. На север од центарот на градот, меѓу скопската тврдина Кале и археолошкиот локалитет Скупи, ќе се сретнете со место каде ќе можете целосно да се опуштите од секојдневните активности и да избегате од градскиот метеж. Тој е изграден над долината на реката Серава, на надморска височина од околу 300 метри. Стариот камен го овековечува времето на Римската Империја и ја докажува тешката и напорна изведба на овој објект.
АКВАДУКТОТ ВО ВРЕМЕТО НА РИМСКАТА ИМПЕРИЈА
Јустинијановиот аквадукт се смета дека датира од 527-554 година, односно од времето на Римската Империја и Јустинијан 1. Ова место било од големо значење бидејќи се сметало дека преку него се спроведувала вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопската Црна Гора, до „топџиската касарна“ односно Мустафа-пашината џамија. Растојанието меѓу Скопска Црна Гора и Аквадуктот е околу 10 километри. Долг е 386 метри и има 54 главни сводови и 42 олеснувачки засводени отвори кои се поставени над столбовите. Водата се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток. Според мислењето на Прокопиј, хроничар на владеењето на Јустинијан 1, се верувало дека поради сличноста на изградбата на Аквадуктот со Куршумли ан во Скопје, тој не потекнува од византиски период туку се изградил во 15 век, кога главниот град почнал полека да се збогатува со исламски градби. Ова мислење произлегло бидејќи на амамите и на џамиите, при изградбата и функционирање, биле потребни големи количества вода.
ИЗРАБОТКА НА АКВАДУКТОТ
Градбата на овој извонреден објект, кој датира од дамнешно време, е од речен и кршен камен во карактеристични редови од тула. Од вкупно 42 олеснувачки отвори, на 32 тампаноните се срушени, додека само 10 се сочувани. Челните ѕидови се од мешовита ѕидарија, камен и тула во варов малтер, со архиволти и надворешни лакови од тула, над кој има надолжни оградни ѕидови исто така од мешовита ѕидарија. Реконструкција на аквадуктот е направена по земјотресот во 1963 година, кога биле поправени три свода и два столба кои паднале од земјотресот. Според мислењата на многуте историски истражувачи, аквадуктот бил поврзан со градот Скупи, кој претставува град од римско и доцно античко време.
ПОЧЕТОЦИТЕ НА ГРАДОТ СКУПИ
Градот Скупи е археолошки локалитет кој се наоѓа на пет километри северозападно од Скопје, во непосредна близина на селото Злокуќани. Историскиот локалитет датира уште од крајот на 19 век. Како најстари наоди од ова место се група гробови од шести до осми век п.н.е. Археолошките ископувања на Скупи почнале инцидентно пред Втората светска војна, а Музејот на град Скопје, како имател на локалитетот, со систематски истражувања почнал во 1966 година и со мали прекини тие континуирано се извршуваат до ден-денес. На римскиот град Скупи по 15. година од нашата ера, му се случила колонизација и урбанизација, по формирањето на провинцијата Мезија. Според положбата, големината, четвртестата основа, постои голема веројатност дека градот се развил од легискиот логор во времето на царот Домицијан, во кој имало и староседелци со пајонско и дарданско потекло.
ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА РИМСКИОТ ГРАД СКУПИ
Скупи, во текот на вториот век, добива особено репрезентативен лик при што посебно и централно место зазема монументалниот театар. Скупи настрадал во катастрофалниот земјотрес , а по 518 година престанува урбаното живеење на римскиот град.
Скупи е град кој ги отвора тајните порти на еден народ кој живеел со мошне интересен религиозен живот. Потврда за тоа се археолошките наоди кои денес се наоѓаат во Музејот на градот Скопје, како и ископините на самиот локалитет.
Оваа локација е историски значајна, а воедно место за релаксација и промена од секојдневните случувања.
ХАВЗИ-ПАШИНИТЕ КОНАЦИ ВО БАРДОВЦИ - НЕИЗМЕРНО ИСТОРИСКО БОГАТСТВО
Постоењето на конаците на Хавзи-паша
Селото Бардовци, кое изобилува со прекрасна природа и шаренило од цвеќиња во секој семеен двор, е едно од најпривлечните места за секој турист. Токму таму се наоѓа познатиот историски објект - Хавзи-пашините конаци.
Датираат уште од првата половина на 19 век, од околу 1830 година до 1845 година. Во далечната 1820 година, Хавзи-паша станал скопски паша. Во Скопје тој живеел само неколку години. Подоцна го напуштил Скопје, а потоа починал.
Посетата на ова место ќе ве врати во времето на Балканската и Првата светска војна, кога некои од зградите во конаците биле сериозно оштетени. Сепак, главните станбени згради се целосно сочувани. Во оваа состојба биле сè до крајот на Втората светска војна. Во 1944 година конаците биле изгорени и уништени од германските војски, а денеска тие се голи ѕидови. Доколку сакате да ја запознаете архитектурата од тогашното време, нема да згрешите ако дојдете тука, со тоа што ќе имате прекрасна можност да ги видите еден од највидните споменици на станбената архитектура на Балканскиот Полуостров од времето на феудалното уредување. Меѓу многубројните конаци со слична намена изградени од Турците во Македонија, на Косово, во Босна и во Србија, се истакнува дека конаците во Бардовци биле најголеми и се верува дека тие биле над другите по стилската обработка и по декоративното богатство.
Историјата на конаците
Чифлигот во Бардовци се одликува со отворен систем на изградба и урбанистичка диспозиција во поставувањето на целината. Населбата во Бардовци се состоела од два дела, а тоа биле селската населба и конаците. Хавзи паша, одделувајќи ги конаците од населбите, им овозможил подобри услови на чифлигџиите отколку што имале тие што живееле во населбите од затворен тип. Животот на господарот, со целата негова фамилија, како и со прислужници, чувари и придружба, бил организиран во големата зграда на конаците.
Внатрешната структура на конаците на Хавзи-паша
Хавзи-пашиниот комплекс бил ограден со високи ѕидини од пет метри. По должината на ѕидовите, од надворешната страна, биле распоредени осум кули кои служеле за одбрана во случај на евентуални напади и таму стоеле стражарите.
Специјалната зграда која се наоѓала во средината од комплексот, во која се повлекувал господарот, служела за последна одбрана во случај на воен напад. Зградата која била наменета за затскривање на господарот со целото семејство, била со типичен распоред за муслиманската внатрешна архитектура за средување на еден станбен простор. Зградата била поделена во два дела, во средниот дел се наоѓал селамлукот, односно зграда за мажи, додека во источниот дел бил харемлукот, т.е. зградата во која живеат жените и децата од семејството.
Западниот дел, пак, бил наменет за коњушницата, а секој од дворците располагал со помошни згради. Меѓу главните згради на самиот преграден ѕид, се наоѓала зграда во форма на кула, која била изградена од камен и имала повеќе соби во приземјето и на катот. Овој простор служел како ризница, магацин за оружје, а и како место каде што господарот со неговиот персонал се повлекувал во случај на напад од непријателот.
Во конакот имало повеќе влезови, а главниот бил во машкиот дел, покриен со мал покрив. Зградата била наполно симетрична и се состоела од приземје и од кат без визба. Приземјето било градено од кршен камен и варов малтер, додека ѕидовите на катовите биле од дрвен бондрук исполнет со печена тула. Таванот и покривната конструкција на „спасувачката“ зграда биле од дрвен материјал, а покривот од плитка керамида. Во просториите во конакот, ѕидовите на главните соби биле изработени во гипс, биле поделени на паноа, а таваниците биле украсени со богата профилација. Камините во собите и чешмата во салонот биле од мермер и од гипс.
Свечености во конакот во Бардовци
Хавзи-пашиниот конак се одликува со хол кој се наоѓа на првиот кат од зградата, а кој, во исто време, се користел и за голем број свечености. И во денешно време просторниот дел на конаците на Хавзи-паша, се користи за организирање големи забави, при што посетеноста е огромна. Како туристи намерници во овој локалитет, не само што ќе направите одлични фотографии, почнувајќи најпрво од влезната порта на конаците, внатрешниот дел кој изобилува со стар камен и остатоци од истиот, туку ви предлагаме да го запознаете целото село Бардовци и сигурни сме дека вашата посета нема да биде последна.
Пантелејмон, Горно Нерези
ДУХОВЕН МИР НА ПАДИНИТЕ НА ВОДНО
Во недопрената природа на планината Водно, на само осум километри југозападно од Скопје, на територијата на Општина Карпош се наоѓа 12 века старата манастирска црква „Св.Пантелејмон“, која е сместена во најмирното село - Горно Нерези. Посетата на ова место може само да ве наполни со духовна убавина, оставајќи ве да потонете во мирисот на црковното кандило и да ја почувствувате магијата на природата. Светиот великомаченик Пантелејмон роден во Никодинија, денешна Мала Азија, потекнувал од побожно семејство. Тој уште во раното детство се занимавал со проучување на теологијата, но, исто така, и со медицина. До ден денешен, се смета за еден од најголемите заштитници на здравјето бидејќи, во тоа време, бил врвен доктор и исцелител поради што секогаш на фреските на иконите е претставуван како младо момче кое во едната рака држи скалпел, а во другата кутија со лекови. За време на неговиот живот има исцелено многуброен народ, но во 323 година, поради љубоморните доктори во тогашното време, три пати намерно го осудуваат, а четвртиот пат, тогашниот цар Максимилијан Први наредил неговото тело да биде фрлено во огнена печка и така пострадал заради Христа. Во негова чест е изграден црковниот храм „Св.Пантелејмон“, кој ви го одзема здивот и ве остава во восхитување од великодушноста.
Изграден е од обичен кршлив камен, изваден од околината на манастирот, но со големо мајсторство камењата се вградени во полихромни површини што даваат слика на објект кој како да израснал од една монолитна карпа, која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи. Историјата на оваа црква е голема. Датира од 1164 година, а таа била изградена со средствата на византискиот принц Алексеј, син на Константин Ангел и Теодора, најмладата ќерка на византискиот император Алексеј Први Комнен. Самиот ктитор на овој манастир рекол: „Јас не дојдов овде да изградам велелепен храм, туку дојдов да изградам мал храм со голема внатрешна духовност и убавина“. Гледајќи ја секоја фреска и секој вграден камен, овој манастир е богат со една духовна топлина и молитвена спирадост.
Ќе се изненадите кога ќе слушнете од кустосот Жарко Брњарчевски, додека ве води низ минатото на духовниот храм „Св.Пантелејмон“, дека во 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, објектот е целосно сочуван. Освен изгубената црковна купола, во која што се претпоставува дека бил насликан Исус Христос Пантократор, како и фигурите на пророците флакирани од страните на осумте прозорци, не е познато какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци. Но, и покрај оваа загуба, калуѓерите во тоа време на ропство под Османлиите, со помош на граѓаните, успеале во целосната реконструкција на црковниот храм. Над влезните порти ќе се соочите со безвременскиот зачуван натпис, врежан во мермерната плоча која ги дава основните податоци за црквата: „Овој велелепен храм е подигнат во чест и спомен на великомаченик Пантелејмон, од страна на византискиот принц Алексеј I Комнен заедно со неговата ќерка Теодора во септември 1164 година“. Во внатрешноста на овој уметнички споменик, сочуван е неверојатен фрескопис, изработен од вештите раце на непознат уметник од Константинопол - Цариград. За воодушевувањето да биде уште поголемо, по столбовите и ѕидовите ќе ги забележите насликани светителите, овековечени во медалјони, со ненадминлив колорит и експресивност, меќу кои особено се истакнуваат ликовите на светите врачи Кузман и Дамјан. Во посебни копаничарски рамки, обработени со орнамент од преплет на широки листови од лозница и стилизирани пауни, се насликани од една страна патронот на црквата св. Пантелејмон, а од другата св. Богородица со малиот Христос в раце.
Неверојатно чувство е да бидете таму и да ја затекнете церемонијата венчавање и крштевање. Насмеаните лица и исполнети погледи на младите и најмилите се уште еден доказ дека во манастирската црква и до ден-денес се одржуваат разни чинови како што е светото тајно венчание и светото тајно крштение. Самото венчавање и крштевање се проследени од пеењето на црковниот хор, што ја прави церемонијата посвечена и незаборавна. Околината и природата, како и надворешната и внатрешната убавина на целиот објект, опкружен со зеленило, како и ресторанот за незаборавни моменти ја зголемуваат желбата за овековечување на миговите на задоволство и среќа. Ја препорачуваме оваа летна дестинација како уникатна и единствена, за секој кој ќе посака да избега од скопскиот метеж. Нека го стори тоа во овој божји храм и нека го побара својот душевен спокој и мир.