Европско шаховско клупско првенство 2015

ЗЛАТОТО ВО РУСИЈА И ВО ГРУЗИЈА – СРЕБРЕН МЕДАЛ ЗА МАКЕДОНИЈА

 Новиот европски клупски првак во  шах во машка конкуренција е  ШК „Сиберија“ од Русија, а во женска конкуренција шаховскиот клуб „Нона“ од Грузија. Шаховскиот клуб во женска конкуренција од Карпош „Гамбит Асеко СЕЕ“ успеа да ја одбрани честа на домаќинот и покровителот на ова Европско клупско шаховско првенство и да го освои второто место и сребрениот медал.

Вечерва на свечената церемонија по повод завршувањето на Европскиот шампионат во шах за клубови беа врачени медалите на најдобрите играчи на табла и трите најдоби шаховски клубови во женска и машка конкуренција.

                Второто место или сребрениот медал во машка конкуренција го освои шаховскиот клуб „Сокар“ од Азербејџан, а бронзениот „Медни Всадник“ од Русија.

Бронзенит медал во женска конкуренција на шаховски клубови отиде кај „Угра“ од Русија.

                Победниците на овој европски шампионат „Сиберија“ од Русија кај шахистите и „Нона“ од Грузија кај шахистките ги добија и победничките пехари од организаторот – Општина Карпош, и преодните пехари од Европската шаховска Федерација, кои им ги врачија градоначалникот Стевчо Јакимовски и претседателот на Европската шаховска федерација Зураб Ајзмапарашвили.

                Освен  најдобрите клубови со медали се стекнаа и најдобрите шахисти поединци по табли и тоа во машка конкуренција, на табла број 6 Ју Јангји, на табла број 5 Алексеј Александров, на табла број 4 - Адамс Мичел, на табла број 3 - Евгениј Најер, на табла број 2 - Сегеј Карјакин и на табла број 1 - Владимир Крамник.

                Во женска конкуренција на табла број 4 медал зеде - Нино Бацвијашвили, на табла број 3 - Шен Јанг, на табла број 2 - Александра Костењук и на табла број 1 - Антоанета Стефанова.

                Во името на Европската шаховска федерација за успешно завршениот турнир се заблагодари претседателот Зураб Ајзмапарашвили, кој го пофали организаторот Општина Карпош, а посебно шаховскиот клуб од Карпош „Гамбит Асеко СЕЕ“ кој сите изминати седум дена максимално се вложи во техничката организација на ова европско првенство и кои стори сé тоа да мине во најдобар ред. Претседателот Зураб Ајзмапарашвили ги најави и идните европски првенства во шах  за поединци, во машка конкуренција на Косово во текот на мај, а потоа и во женска конкуренција во Мамаја - Романија.

                Европското клупско шаховско првенство го прогласи за затворено покровителот на оваа импозантна шаховска манифестација, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, кој им се збалагодари за довербата на Европската шаховска федерација, на Македонската шаховска федерација и на Агенцијата за млади и спорт, но најмногу на врвните шахисти учесници на шампионатот кои во изминатите седум дена ја збогатија македонската спортска сцена.

-Македонските граѓани со голем интерес и респект го следеа ова шаховско натпреварување и се надевам дека и во иднина ќе имаме уште вакви настани од висок ранг. Ве повикувам веќе за пет месеци, повторно да дојдете кај нас на големиот шаховски турнир „Карпош Опен“ кој е еден од 10 најдобри турнири во Европа, рече на крајот Јакимовски.